Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот поставување камен-темелник за доградба на Основното општинско училиште „Димитар Беровски“ во населба Хром, Општина Ѓорче Петров. Тој оцени дека ваквите инвестиции се од суштинско значење за образованието и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Рече дека станува збор за проект кој ќе придонесе за подобри услови за образование на најмладите и изрази надеж дека во иднина ќе се реализираат уште повеќе вакви објекти.
„Би сакал што е можно повеќе вакви објекти да можеме да почнеме, како резултат на што е можно повеќе дечиња коишто би си родиле најпрвин, а потоа би дошле до оваа фаза на своето образование“, рече Мицкоски.
Премиерот упати честитки до градоначалникот, Советот на Општината, администрацијата, Министерството за образование и членовите на Владата кои учествувале во подготовката на проектот.
Според него, ваквите проекти претставуваат додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, особено на децата, за кои, како што рече, се создаваат подобри услови за иднината.
„Сето ова ние го работиме за нив. Да го оставиме за нив. Тие се тие коишто ќе го наследат сето ова коешто ние го работиме“, истакна Мицкоски.
Тој изрази очекување објектот успешно да биде завршен и порача дека се потребни уште повеќе вакви проекти во иднина.
Со реализацијата на проектот ќе бидат изградени осум нови училници и дополнителни просторни капацитети, со што ќе се создадат подобри услови за настава за околу 240 ученици.







