Предложените измени на Законот за парничната постапка во фокусот на јавна расправа

Во рамките на 69. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, денеска се одржа Јавна расправа по Предлогот на закон за парничната постапка.

Покрај членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа претставници на институции, организации, здруженија и асоцијации, како и правници, судии, адвокати, универзитетски професори и други експерти од областа.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, истакна дека мислењата и предлозите на стручната јавност се од особено значење како за Собранието, така и за Комисијата, бидејќи ќе придонесат за дополнително подобрување на законските решенија и за постигнување на целите на предложените измени.

„Целта на Предлогот на законот за парничната постапка е да се надминат проблемите што се појавија во практичната примена на постојниот закон, особено во делот на вештачењето, доставата, забрзувањето на постапките во споровите од мала вредност и други прашања кои беа посочени од судиите, адвокатите, државните органи и другите засегнати страни. Дел од овие предизвици се нотирани и во забелешките на Светска банка во извештајот „Doing Business 2020““, велат од Собранието.

Учесниците во расправата се согласија дека предложените измени се значајни и ќе придонесат за поефикасно остварување на правата на граѓаните пред правосудните органи. Измените, како што се додава, опфаќаат повеќе области, меѓу кои вештачењето, медијацијата, писмените изјави на сведоците, споровите од мала вредност, дигитализацијата на постапките, како и електронската достава и електронскиот потпис.

Според експертите, Законот за парничната постапка претставува еден од клучните нормативни акти што ги поставува основните принципи на граѓанската судска постапка, поради што неговото унапредување е од особено значење за правниот систем.

Со предложените решенија се очекува поефикасна, побрза и поквалитетна парнична постапка, со што ќе се овозможи поуспешно остварување на правата и интересите на сите учесници во постапката.

Истовремено, се предвидува усогласување на одредбите од Законот за парничната постапка со другите поврзани закони, што ќе придонесе за воспоставување постабилен граѓанско-правен систем, пополнување на постојните правни празнини и негово усогласување со европските стандарди и современите општествени текови, особено во делот на заштитата на колективните интереси и правата на граѓаните.

Scroll to Top