Зелената партија ДОМ остро реагира на денешниот пожар во скопското село Трубарево.
„Очигледно дека не станува збор за изолиран настан – претходно гореа депониите Вардариште и Дрисла. Секој ваков пожар е директна закана по животот и здравјето на луѓето, а институциите остануваат неми и без одговорност“, велат од ДОМ.
Партијата како дел од „Коалицијата за зелена иднина“ порачува дека дојде моментот да се престане со полупразни изјави и симболични реакции на институциите.
„Кога чадот ги труе белите дробови на децата, кога цели населби се задушуваат, тоа не е „општа опасност“ – тоа е обид за убиство. Затоа, ги повикуваме сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство“, се додава во соопштението.







