Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.