Фон дер Лајен: Молдавија, повторно успеа, иднината е твоја

По парламентарните избори одржани во Молдавија, на кои победи проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес на својот профил на социјалните мрежи објави пофалби за европската посветеност на земјата.

„Молдавија, повторно успеа. Ниту еден обид за ширење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Јасно го изразивте вашиот избор: Европа. Демократија. Слобода. Нашите врати се отворени и ние ќе стоиме покрај вас на секој чекор. Иднината е твоја“, рече Фон дер Лајен во соопштението на Х.

На парламентарните избори во Молдавија, кои се одржаа во неделата, владејачката молдавска проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС) освои 46 проценти од гласовите, објави Централната изборна комисија откако беа преброени повеќе од 90 проценти од гласовите.

Прорускиот Патриотски блок доби 27 проценти поддршка од гласачите, беше потврдено од молдавската ЦИК, објави Ројтерс претходно.

Еден од лидерите на опозицијата, Игор Додон, прогласи победа пред да почнат да пристигнуваат резултатите и повика на протести пред парламентот денес.

Централната изборна комисија претходно објави дека повеќе од 1,59 милиони гласачи, или околу 51,9 проценти од регистрираните гласачи, го дале својот глас, вклучувајќи 264.000 Молдавци на гласачките места во странство.

Фото: принтскрин

Scroll to Top