Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа ранети, јави дека едно комбе дошло по Сланачки пат до локалниот бар и почнало да пука по присутните.
На местото на настанот има полиција и форензичари, а полицајците ги замолиле медиумските екипи да се оддалечат бидејќи е во тек увид.
Според жителите, кафулето е познато по тоа што таму се собираат и навивачи, а во него има и простор наменет за деца.
Не е познато дали во моментот на пукањето имало деца во кафулето, но жители и очевидци изјавиле дека на автобуската станица имало голем број деца кои се уплашиле и се разбегале, и додале дека долго се чекало на пристигнувањето на итната помош.
Жителите посочиле дека последните месеци имале големи проблеми со навивачки групи, за што редовно пријавувале во полиција. Полицијата и обвинителството реагирале кога медиумите укажувале на тоа.
„За нив ова е шокантно, но не толку изненадувачко, затоа што навивачките групи одамна прават проблеми,“ јави репортерката на „Н1“.
Засега нема официјални информации за мотивот за пукањето, а српски „Телеграф“ пишува дека станува збор за пресметка меѓу навивачи.






