Стевче Стевановски, кандидат за градоначалник за општина Новаци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, во своето обраќање кон присутните прво се осврна на реализираните проекти, при што Стевановски истакна дека во најголем дел истите биле реализирани со поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Стевановски ја сподели својата визија за општина Новаци за наредните четири години и посочи дека со нова енергија ќе се реализираат и низа нови проекти како системи за наводнување, проекти кои ќе значат нова туристичка атракција, како и изградбата на мини пазар во Новаци, со цел општина Новаци да добие европски изглед и функционалност.
„Денес пред вас ја претставувам мојата визија за следните 4 години. Ќе изградиме систем за наводнување Новаци до Добромири од акумулацијата Суводол, системот за наводнување е капитален проект за нашите земјоделци, сигурни приноси, стабилно земјоделство и иднина за младите кои сакаат да останат тука. Ќе изградиме зип лајн од Рапеш до Груниште и пристапни скали кај Темнички вир во Градешница затоа што сакаме Новаци да стане нова туристичка атракција. Ќе изградиме мини пазар во Новаци, нашите производи ќе имаат свое место, а нашите земјоделци директно ќе можат да продаваат. Ќе ги уредиме влезовите во селата Далбеговци, Горно и Долно Агларци со лед осветлување“, рече Стевановски.
На крај, Стевановски заклучи дека ќе продолжи со модернизација на селата и економски развој на општина Новаци преку нови инфраструктурни проекти, отворање на нови работни места и поддршка на земјоделците и младите, а во насока на тоа општина Новаци да продолжи да биде општина во која вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина.






