(Видео) Трамп испрати 200 војници од Националната гарда на Тексас во Илиноис

Двесте припадници на Националната гарда на Тексас пристигнаа во Илиноис, изјави официјален претставник на Пентагон, пред планираното распоредување во Чикаго, на кое остро се спротивставуваат локалните демократски претставници.

Американскиот претседател Доналд Трамп веќе испрати војници на улиците на Лос Анџелес и Вашингтон и им нареди да одат во Мемфис, како и во Чикаго и Портланд, заканувајќи се дека ќе ги искористи вонредните овластувања за да го овозможи тоа доколку судовите го блокираат.

Трамп, кој минатата недела предложи американските градови да се користат како „полигони за обука“ за американските воени сили, го преувеличува обемот на немирите во Лос Анџелес и криминалот во Вашингтон за да ги оправда распоредувањата, а судијата кој пресуди по тужбата на локалната самоуправа да ги испрати во Портланд, сугерираше дека Трамп го сторил истото и во случајот со тој град.

Војниците од Тексас беа испратени во Илиноис како дел од мисијата за заштита на „федералните објекти, персонал и средства“, изјави официјален претставник на Пентагон под услов да остане анонимен, додавајќи дека гардистите биле мобилизирани за почетен период од 60 дена.

Војниците биле видени во вторник во воена база во Елвуд, југозападно од Чикаго.

Планираното распоредување на силите го налути демократскиот гувернер Џ. Б. Прицкер, кој рече дека тие „треба да останат надвор од Илиноис“ и дека секое распоредување против желбите на службениците на Илиноис би претставувало „инвазија“.

фото: принтскрин

Scroll to Top