Филипче од Кривогаштани: Жалосно е што во Пелагонија родот се истура по улици

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кривогаштани, ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски за, како што кажа, колапсот во земјоделството и негрижата кон земјоделците.

„Земјоделците, кои се гордоста на оваа земја, денес се понижени. Ветуваа дека ќе има сигурен откуп, фер цена, редовни субвенции. А што добија македонските земјоделци? Разочарување, додека гледаат како нивната мака и пот скапува по нивите”, рече Филипче.

Тој потенцираше дека ајварката денес се истура по улиците, поради ниската откупна цена и катастрофалните политики на власта, кои наредната година ќе доведат до рекордно најниско производство.

„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица, поради катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ”, истакна Филипче, предупредувајќи дека наредната година ќе имаме рекордно најниско производство.

Филипче укажа дека само 30% од субвенциите за минатата година се исплатени, а земјоделците што цела година работеле и вложувале, сè уште ги чекаат своите пари.

„И житото е оставено без поддршка. Го укинале и додатокот од 3 денари за килограм жито, а на сточарите им ги намалиле субвенциите – од 12.000 на 8.000 денари по грло добиток,“ рече Филипче, додавајќи дека ваквата влада мисли само на ПР и нарачани бројки, а не на реалните проблеми на луѓето.

„Гледате дека имаме власт која нема чувство за реалност, власт што живее во статистики, нарачани анкети и реклами, а не меѓу луѓето и нивните проблеми. Имаме власт што го сврте грбот на работникот, на земјоделецот, на пензионерите, на студентите, на секој човек што се бори чесно да преживее”, рече Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во општина Кривогаштани.

Филипче вечерва порача дека развојот на Кривогаштани е дело на социјалдемократската политика и работата на досегашниот градоначалник, Николче Мискоски. Тој на граѓанската трибина оттаму, рече дека кога општината се води домаќински, од чесни, посветени луѓе, животот се менува на подобро.

„Кривогаштани денес е најразвиената рурална општина во Македонија. И тоа не е случајно, во прашање се дела, резултат и сериозни проекти. Тоа е резултат на начинот на кој нашите кадри од СДСМ ја водат општината систематски, чесно, посветено на луѓето. Повеќе од 40 проекти завршени, неколку во тек на реализација што е навистина резултат за пофалба и потврда дека во Кривогаштани не се зборувало и ветувало, туку се работело! И тоа е разликата меѓу СДСМ и сите други, ние не ветуваме за аплауз, ние ветуваме за да го промениме животот на луѓето на подобро“, рече Филипче.

Филипче рече дека социјалдемократски се креирани за граѓаните и за доброто на сите граѓани во секое семејство, а особено за младите кои во Кривогаштани се активно вклучени во креирањето политики во општината.

„Социјалдемократските вредности солидарност, еднаквост, грижа за секој човек се чувствуваат, во секое семејство, во секоја уличка во Кривогаштани. Затоа денес можеме да се гордееме со оваа општина. Тука младите остануваат, имаат младински центар, младински совет преку кој активно учествуваат во креирањето на локалните политики, граѓаните имаат пристап до социјални услуги, културни содржини, спортски терени и најважно имаат целосно обновена инфраструктура“, рече Филипче.

Но и покрај ова, рече Претседателот на СДСМ Венко Филипче, следува период на многу важна задача, одлука која треба да донесе континуитет за општина, со Игор Каравиловски и советничката листа на СДСМ да продолжи да се развива и да напредува со нови проекти за подобар живот на сите и за Кривогаштани кое има перспектива и иднина.

Scroll to Top