Олди

Пишува: Братислав Димитров 

Tие што мислат дека ретко читам, грешат. Воопшто не чи-там. Не гледам ни телевизија. Сакам да си умрам од природна смрт. Берберниците, кафеаните и такси возилата се последните места каде што можете објективно да се информирате. Библиотеките ги одбегнувам од практични причини. Дома поудобно се спие. Добро, лажам. Сепак читам. Последниве децении (плус некој век) се покажа дека хороскопот е најблиску до вистината. Или поетски кажано, вистината е блиску но ние сме далеку. Еден мој другар, кој сѐ уште не е излечен од читање, прочитал: научниците откриле дека сите луѓе во просек користат само десет проценти од својот мозок! И бидејќи и македонските политичари (барем формално) спаѓаат во луѓе, правилото важи и за нив. Ова е навистина една од ретките добри вести. Замислете што би се случило кога  би користеле сто проценти од својот мозок!? Ќе се најдеме во ситуација, после која секое ветре развигорче ќе го доживуваме како ураган.

Судбина. Се будиш еден ден и во огледалото пред себе наместо добро познатиот прекрасен лик, гледаш ментална хиена, питбул или пирана, во најдобар случај. Во такви драмски моменти добиваме напад на инспирација и почнуваме да шлапкаме по невината тастатура! Ги сечеме зборовите а тие крвават како јариња пред Велигден, Ѓурѓовден, Бајрам… Офкаат и пискаат од Галичник до Река, согласки, самогласки, интерпунциски знаци под налетот на нашата нарцисоидност, суета, дрчност и … И уште еднаш нарцисоидност!

Има уште. Јас не живеам овде. Не се викам така како што се викам. Немам толку години колку што имам. Не изгледам вака како што изгледам. Носам маска. Навечер пред да си легнам, ја симнувам маската но под неа се појавува втора, трета, триесет и трета… И додека очајнички ги кинам проклетите маски од моето лице, ноќта го истура врз мене најцрниот катран од бурето на бескрајната вселена. Конечно заспивам како столетен даб во книгите на Достоевски, Чехов и Марко Цепенков. Се будам рано сабајле како диносаурус во цртаните филмови и слушам како во цело маало ѕвонат будилници! Нашите мајки, татковци, баби, дедовци, браќа, сестри и понекој беден роднина, гласно ги извикуваат нашите имиња додека ние се преправаме дека спиеме.

Денес е понеделник 1 Гроздобер (септември) 1963 година, ден на светите маченици Адријан и Наталија. Останатите маченици се во школските клупи. Тоа сме ние, копиљаците од Тафталиџе, Колонија, Дебар маало…

Заробени во  основните училишта Владо Тасески и 29 Ноември, сместени во истата зграда. Седиме во училниците како робови на галија и гледаме во тоа таблата со чувство на човек кој штотуку открил мува во чашата со матеница и болва во својата чорапа.

Кога Сенада прв пат се појави во нашиот школски двор, Аце во истиот миг падна како пупунец од оградата на која што дремеше. Беше тоа љубов на прв, втор и секој друг поглед! Сенада Кресо. Звучеше како „прпл хејз“, „еленор ригби“ и „блу велвет“, истовремено. Лице со кожа од алабастер, очи со најдлабокото синило на скандинавските фјордови и црвенкаста коса која слободно се брануваше на сите страни а најмногу накај страната на Аце! Татко ѝ Мехо беше војно лице кое добило „прекоманда“ од Сараево во Скопје. Во слободното време играше шах, го читаше Ленин и му се обраќаше на другарот Тито, чија фотографија во природна големина ја красеше неговата работна соба. Нејзината мајка Мерсиха како и секоја „официрка“ во тоа време, не одеше на работа, читаше „Базар“ и го обожаваше Миќа Орловиќ.

Едната смена Аце ја поминуваше во своето школо, а во другата ја чекаше Сенада пред часови, на сите одмори и после часови. Практично, одеше дома само за спиење иако после дознавме дека воопшто не спиел! Еден ден најдовме стар железен кревет и за заебанција го донесовме во школскиот двор пред „мртвата стража“, позната под името Аце. „Слушај, не мора да губиш време дома за спиење“. Аце мртов ладен лежерно се оптегна на креветот и културно и елоквентно нѝ  се обрати: „Фала“.

Веднаш и под хитно се одржаа наставнички совети, родителски средби, разговори со психолози и директори, а богами и Мехо го репетираше својот службен пиштол марка берета, „за сваки случај“. Ништо не помогна. Аце и Сенада ги соборија сите светски рекорди на љубовните романчиња во продолженија. Еден ден мајорот Мехо повторно доби „прекоманда“. Како што се појави ненадејно, така и исчезна прекрасната Сенада од животот на Аце и нашиот школски двор. Тој ден Аце престана да зборува.

Многу светски лекари, научници, бајачки и јасновидци се обидоа да го објаснат тој неверојатен феномен, но никој не успеа. На Аце немаше никаква физичка или психичка промена. Аце беше истиот тој Аце, само што не зборуваше. Времето е најголемиот иљач и ние пополека почнавме да свикнуваме на неговата тишина.

Еден ден дојде и летото. Сите сме на Руска плажа. Играме „олди“. Аце седи сам на брегот и гледа некаде далеку над нашите глави.

Олди е брканица во вода. Еден брка а сите останати му викаат „олди“ и нуркаат под водата. Кога едно јaто гаврани го исцрни небото над Скопје, Аце влезе во брзаците на Вардар со насмевка на човек кој конечно решил да соопшти некоја многу важна вест. Кога водата го допре неговото грло, Аце застана, нѐ изгледа сите, крикна на сиот глас „олдиии… „, нурна во реката и никогаш повеќе не се појави!

Дома сме. Стуткани околу ѓаволска-та кутија и не дишиме. „Зборува радио Скопје… Зборува радио Скопје… Денес е 16 ноември 1962 година… Водостојот на реката Вардар сѐ повеќе се зголемува… Зборува радио Скопје… Зборува радио Скопје… Реката Вардар го поплави Скопје! A нас нѐ поплави бескрајна тага во која тоневме како бродот „Титаник“, додека јато ангели го изведуваа небесниот реквием само за Аце…

Беа тоа времиња кога маалските дворови испуштаа миризливи воздишки на рузмарин, магдонос, нане, шимшир и шебој… Небото над Скопје беше топло и нежно како мајчино млеко…

Вистинското име на Аце беше Аце. Ние нагалено го викавме Александар.

Scroll to Top