Европската комисија објави дека ги казнила луксузните модни куќи Gucci, Chloé и Loewe со вкупно 157,4 милиони евра за мешање во политиката на цени на трговците на мало.
Gucci мора да плати казна од 119,7 милиони евра, Chloé 19,7 милиони и Loewe 18 милиони евра. Брисел ги намали износите за сите три компании бидејќи соработуваа во истрагата и обезбедија докази. Брендовите со седиште во Италија, Франција и Шпанија нелегално ги одредуваа цените на своите производи за трговците на мало, откри Комисијата.
„Три модни компании се мешаа во комерцијалните стратегии на своите трговци на мало со наметнување ограничувања, како што се барањата да не отстапуваат од препорачаните малопродажни цени, максималните попусти и одредени периоди на продажба“, се вели во соопштението на ЕК.
Ваквите практики резултираат со повисоки цени и го ограничуваат изборот на потрошувачите, заклучија тие во Брисел.
Прекршоците се протегаат неколку години и ја опфаќаат целата територија на Европската Унија.
„Сите потрошувачи во Европа заслужуваат придобивки од вистинска ценовна конкуренција, што и да купат и каде и да купат, онлајн или офлајн. Одлуката испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат подеднакво за сите“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера.
Фото: ЕПА







