Александар Китански, кандидат за градоначалник за општина Пехчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека во неговиот четиригодишен мандат и покрај сите опструкции од тогашната централна власт, изградени и реконструирани се многу улици, подобрени условите во училиштата, комуналната инфраструктура, како и реализирани капитални проекти барани од страна на граѓаните.
„Иако, кога станав градоначалник, на почетокот од мојот мандат имав огромни опструкции од тогашната централна власт, со направени технички документации, аплицирани проекти, а не одобрени од страна на тогашните министерства и тогашната влада, сепак успеавме со мојот тим да направиме многу изградивме, обновивме, променивме. Реконструиравме улици, ги подобривме условите во училиштето и градинката, инвестиравме во комуналната инфраструктура, вложувавме во младите и во културата, развојот на туризмот, промоција на градот, благодарение на сегашното раководство на Владата на Република Македонија. Реализиравме капитални проекти кои долги години беа барани од страна на граѓаните и истите се од огромно значење“, рече Китански.
Toj наброи дел од проектите на изборната програма за наредниот четиригодишен мандат.
„За наредните четири години имаме јасна визија и конкретна програма која произлегува од вашите потреби, а не од празни партиски ветувања. Ќе инвестираме во локалната инфраструктура, локални улици, водовод, канализација, поддршка на земјоделството и унапредување на образованието и создавање на нови, современи, модерни и достоинствени услови за нашите деца и за наставниците, унапредување и осовременување на здравството и здравствената заштита со набавка на нова и современа опрема, развој на туризмот нашата општина располага со прекрасни планини, реки, чист воздух и уникатна природа, поддршка на младите и развој на спортот за општина со здрави навики, поддршка на културни настани и развој на културата во Пехчево, ќе се бориме и ќе работиме заедно за чиста и енергетски ефикасна општина“, посочи Китански.






