Митовски: Црешево и Смилковци ги враќаме на мапата на развојот

Актуелниот градоначалник цел мандат ги остави Црешево и Смилковци во пустош и заборав. Без ниту еден капитален проект, без инвестиции, без елементарни услови за живот. Времето на неработа, запоставеност и игнорирање на овие населени места завршува. Таа слика ќе се промени во мандатот што следи, затоа што мојата визија е јасна – рамномерен развој на сите населени места во Општина Гази Баба, изјави кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски.

„Во Црешево ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од дополнителни 300 кубни метри, ќе се доврши фекалната канализација, а краците од улица 3 ќе бидат конечно асфалтирани и санирани. Ќе ја замениме целата водоводна линија од препумпната станица во Железара до резервоарот во Црешево во должина од 6 километри, ќе изградиме нова бушотина за зголемен доток на вода, ќе го осветлиме регионалниот пат Црешево–Стајковци и ќе изградиме пешачка патека по целата должина. Дополнително, ќе изградиме и прочистителна станица за фекални води. Во Смилковци исто така ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од 300 кубни метри, ќе ја довршиме фекалната канализација и ќе ја замениме целата водоводна линија во должина од 3,5 километри. Ќе се изгради нова бушотина, ќе се прошири патот и ќе се направи пешачка патека од Смилковци до Црешево, а краците од улица Павле Божинов конечно ќе бидат асфалтирани. Во недела, гласот за број 5 е глас за реализација на овие проекти, за секој дом, за секој од вас, за модерна и развиена Општина Гази Баба“, рече Митвоски.

Scroll to Top