Кокан Димушевски

Special guest star во „Дебар маало тајмс“

  • Кој е твојот прв јавен настап? (Тука не се важат школски приредби и рецитирање стихотворби по родендени, качен на столче).

Прв сериозен настап/концерт беше во Драмски театар во Скопје далечна 1977год, мислам Февруари или Март месец. Се сеќавам дека донесовме едно брдо од инструменти на сцената (за тоа време), голема загриженост сето тоа да се поврзе и функционира како треба. Како велат крајот го краси делото, салата беше преполна со публика, луѓе стоеја по ходници бидејки веќе немаше место во салата, исчезна тремата веднаш и навистина беше еден добар концерт и повеќе од добар почеток за Леб и Сол.

  • Како се случи да свириш клавијатури а не нешто друго? Кои емоции можат клавијатурите да изразат а другите инструменти не можат или не сакаат? Која е суштинската разлика за тебе?

Уште од 5та годишна возраст им вадев душа на моите дома со тропање по се што ќе дофатев со долгите игли за плетење на мајка ми.. За да си ја зголемат бељата уште поголема ми го купија првиот комплет на тапани ТРОВА од тогашниот единствен музички магазин. Тогаш почна музиката сериозно да навлегува во мене. Позајмував грамофонски плочи од постарите комшии и свирев/галамев по цели денови. Така беше се до 6то одделение кога еден ден враќајки се од училиште видов во дворот како го истоваруваат моето прво класично пијано. Нормално тапаните мораа да се продадат во интерес на комшискиот мир и попладневната дремка. Гласните тапани сега ги заменија вежбите и етидите за пијано.

  • Како дојде до „Леб и сол?“ И како си ојде? Колку верзии има за овој немил настан?

Леб и Сол дојде спонтано бидејки бевме комшии, учевме во иста гимназија и независно еден од друг секој од нас почна да навлегува во магијта наречена музика. Таквите луѓе се препознаваат еден со друг и тука почнува музичката дружба. Разговори, полемики, заедничко вежбање, слушање плочи и пополека се формираше оној препознатлив звук на Леб и Сол. Со тек на време се развија рзалични и опречни мислења, едни беа да компонираме композиции за вокал додека мене повеќе ме интересираше експериментирањето во музиката и инструменталната композиција.

Нормално, секој сака да си ги оствари желбите и така настанува мојот прекин во Леб и Сол, продолжија како тројка, гостуваа неколку клавијатуристи во меѓувреме место мене. По неколку години пауза пак се создаде таа првична заедничка енергија и јас се вратив во бендот, функциониравме до 1996год.

  • Секој што има слух, може да пее, но тоа не значи дека е пеач. Дали некогаш поведовте разговор да ангажирате вистински вокал со сценска харизма? И ако да, кој беше во оптек за „шпиц играч“?

Прашање на кое немам одговор, односно предолго ќе трае.

  • 5 Каде најдобро се чувствуваше на своите настапи со „Леб и сол“ а каде со новата постава?

Новата постава како ти ја нарекуваш сегашнта екипа работи од 2007год, така да не е баш „нова“. Во историја од 50год на постоење и работење на Леб и Сол секако дека имало и многу звездени моменти но и разочарувања. Јас се обидувам а за среќа и ми успева да не се навраќам наназад туку да гледам што е денес и можеби испланирам и предвидам што ќе биде утре. Така да од 2007г се создаде некоја нова магија со Димитар Божиков на гитара и Михаил Парушев на тапани. Тим кој лесно функционира, договара, патува а што е најважно од се во музиката и на концертите функционираме насмеани и беспрекорно.

  • 6 Кои се твоите омилени музичари за сите времиња?

Секој си ја бара сродната душа како во животот така и во уметноста, музиката. Премногу преслушана музика, премногу сериозни музички анализи , секако дека има „омилени“ кои налповеќе оставиле музичко влијание како Кит Џерет, Мајлс Дејвис, Џо Завинул, Херби Хенкок, Ј.С.Бах, Стравински, Аллбан Берг, Равел, Дебиси, итн.итн. Непофторливи мајстори во чии дела ми биле инспирација и школо.

  • Раскажи неколку интересни анегдоти, средби и настани од твојот „милијардески“ музички живот. Со познати ѕвезди, луѓе и т.н.

Премногу редици треба да испишам ако почнам да се навраќам наназад, ќе споменам само една која во време на почетоците на бендот не „закачкаа” за да бидат „интересни и духовити“ во друштво ,не прашуваа: А зошто не се нарековте Мед и Млеко ?

Scroll to Top