Шпанија повторно ќе се обиде да предложи промената на времето од летно кон зимско и обратно да се укине во Европската Унија од 2026 година. Како што истакна шпанскиот премиер Педро Санчез, тоа е „застарена практика“ која „веќе не штеди енергија“ и „предизвикува непријатност и негативни здравствени ефекти“.
Во сите анкети спроведени во Шпанија и низ цела Европа, мнозинството се против летното и зимското сметање на времето, истакна Санчез. Сепак, во изјавите на премиерот, не е јасно која од временските зони ќе ја задржи Шпанија.
Летното сметање на времето завршува во ноќва, кога стрелките ќе се поместат еден час назад.
Во 2018 година, граѓаните на Европската Унија се изјаснија дека се за укинување на промената на времето – повеќе од 80 проценти од 4,6 милиони учесници во анкетата се изјаснија позитивно. Европскиот парламент, исто така, со огромно мнозинство го поддржа предлогот. Но, сè уште се чека одобрение од 27-те земји-членки на ЕУ кои воопшто не го разгледале предлогот од 2018 година.







