Градоначалникот на Општина Аеродром и кандидат за нов мандат, Дејан Митески, најави решение за еден од најчестите проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните – недостатокот на паркинг места и хаосот во сообраќајот.
„Наместо нереални ветувања за катни гаражи кои бараат години и милионски буџети, општината се насочува кон брзо и практично решение, воведување еднонасочни улици со обележани ленти за паркирање. Не можеме да изградиме катна гаража за шест месеци, но можеме за шест месеци да обезбедиме до 800 нови паркинг места“, истакна Митески, додавајќи дека ова решение се базира на користење на постојната инфраструктура, без дополнителни големи трошоци.
Тој кажа дека оваа стратегија носи три големи придобивки за жителите на Аеродром: прво, значително се зголемува бројот на достапни паркинг места во густо населените зони, со рационално искористување на секој метар улица, второ, создава можност за воведување велосипедски патеки на делови каде што ширината тоа го дозволува, поттикнувајќи здрави и еколошки навики и трето, самата организација на еднонасочните улици природно го намалува брзото движење на возилата, придонесувајќи кон побезбедно и покултурно сообраќајно однесување.
„Со новиот сообраќаен режим, улиците ќе станат поуредени, побезбедни и попрактични. Наместо да вложуваме време и средства во невозможни проекти, се фокусираме на решенија што граѓаните ќе ги почувствуваат веднаш“, рече Митески.






