Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, оствари средба со проф. д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На овој работен состанок, соговорниците дискутираа за унапредување на можностите и квалитетот на наставата по физичко образование во основните училишта, како и за важноста на нејзината инклузивност.
Средбата претставува почеток на институционална соработка меѓу општина Кисела Вода и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, насочена кон поддршка на наставниците, промоција на здрави навики и создавање инклузивна средина во спортот и образованието. Како прв заеднички чекор, постигнат е договор наставниците по физичко образование од основните училишта во Општина Кисела Вода да поминат обука за работа со деца со посебни потреби, која ќе започне во декември, известува Општината.
Оваа обука има за цел да обезбеди пристапност, разбирање и соодветен пристап кон секое дете, со што ќе се придонесе кон еднакви можности и поголема интеграција во наставниот процес.
-Ми беше драго што се запознавме со активностите на факултетот и што заеднички можеме да направиме повеќе за здравјето и развојот на децата, особено на оние со попреченост. Со деканот, проф. д-р Неделковски, разговаравме и за други можности за соработка, кои ќе придонесат за зајакнување на спортот и физичката култура кај најмладите. Во фокусот на мојата работа како градоначалник ќе биде унапредувањето на спортската инфраструктура, но и подобрувањето на наставата по физичко образование, како и обезбедувањето еднакви можности за сите деца, без исклучок- изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.







