Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот Горан Ангеловски во градскиот парк во Скопје го одбележаа Светскиот ден на жртвите во сообраќајот, оддавајќи им почит на сите кои ги загубија своите животи на патиштата. Директорот Јанев истакна дека нашите сообраќајници секојдневно се неми сведоци на трагедии кои зад себе оставаат болка, празнина и семејства што никогаш нема да бидат исти.
„Тие животи не се бројки. Тоа се имиња, лица и индивидуални приказни што предвреме завршиле. Не смееме да дозволиме македонските патишта да станат поголемо бојно поле по згаснати животи отколку реалните воени конфликти. Токму затоа сите ние како граѓани, родители, возачи, како дел од општеството и како институции имаме заедничка обврска да ја подигнеме свеста, да влијаеме со личен пример и со секојдневни разговори да градиме подобра сообраќајна култура“, истакна директорот Јанев, додавајќи дека полицијата е само една алка од целиот систем.
„Нашата улога е важна, но недоволна ако секој од нас не преземе свој дел од одговорноста. Почитувањето на правилата, внимателноста, едукацијата на најмладите и одговорното учество во сообраќајот се чекори што мора да ги правиме заедно. Не треба да чекаме некој друг да направи нешто за нас. Секој од нас има моќ да спречи трагедија, да спаси живот, да придонесе кон побезбедно утре“, дециден беше Јанев.
Претседателот на РСБСП на настанот посочи дека денес, со болка и длабока почит, го одбележуваме Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
„Овој ден не е само момент на тага тој е и повик. Повик до сите нас граѓани, возачи, институции да се соочиме со реалноста што секојдневно ги носи овие загуби. Секој живот изгубен на патот е трагедија што остава длабоки лузни не само во семејствата, туку и во целото општество. Не е доволно само да жалиме, треба да делуваме“ рече Ангеловски.
Директорот Јанев заедно со претседателот на РСБСП Ангеловски заедно заклучија дека не смее да се дозволи патиштата да продолжат да бидат сведоци на предвреме згаснати животи. Во таа насока беше потенциорано дека сообраќајната култура, безбедност и одговорност се заедничка мисија и само заедно може да се направи промена.







