Утре со почеток во 12 и 30 часот ќе се одржи отворањето на Мултимедијалната читалница во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје и промоцијата на едицијата на фототипни изданија „НУБ за македонскиот јазик“.
Како датум за одржување на овој настан е одбран денот кога е роден Крсте Петков Мисирков, една од најзначајните историски фигури за македонскиот јазик, бидејќи годинава се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Во првиот дел на настанот е предвидено да имаат поздравни обраќања министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот Јовица Никчевски, кој ќе се зборува за новата мултимедијална читалница во НУБ „Св. Климент Охридски“ што е модерно уредена на две нивоа и располага со најсовремена опрема и инвентар, како и со онлајн пристап до бази на податоци со електронски книги и научни и стручни списанија.
Во вториот дел на настанот, пак, програмскиот директор Јовица Тасевски-Етернијан ќе го претстави проектот за издавање на фототипни изданија на значајни публикации од фондот на НУБ „Св. Климент Охридски“ поврзани со македонскиот јазик, а од името на авторките на предговорите во публикациите ќе се обрати и истовремено ќе ги промовира изданијата д-р Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик.
Промоцијата ќе биде збогатена со читање извадоци од делото „За македонкцките работи“ од Крсте Петков Мисирков во интерпретација на Лина Станоеска, како и со изложба на која присутните ќе можат да ги видат оригиналните примероци од „Речник од три јазика“ од Ѓорѓија Пулевски од 1875 година, „За македонкцките работи“ од Крсте Петков Мисирков од 1903 година, примерокот од „Abecedar“ испратен за одобрување во Друштвото на народите во 1925 година, првиот „Буквар со читанка“ на кодифициран и стандардизиран македонски јазик издаден во 1945 година и првата „Македонска граматика“ од Круме Кепески од 1946 година, како и фототипните изданија со предговори од д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар, д-р Станислава Тофоска и д-р Јованка Кепеска.







