(Фото) Општина Илинден: Асфалтирана улицата „30“ во населба Илинден

Во рамки на Програмата за реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, општина Илинден изврши целосната реконструкција на улицата „30“ во населбата Илинден, во м.в. Плац. Станува збор за сообраќајница долга 600 метри и широка 4 метри, којашто доби целосно обновен и современ изглед, извести Општината.

Градоначалникот Александар Георгиевски изврши увид во завршните активности и истакна дека реконструкцијата била неопходна поради оштетувањата настанати за време на изградбата на примарната мрежа на фекална канализација. Тој посочи дека оваа улица има особено значење за жителите од овој дел на општината, но и за непречено одвивање на сообраќајот на сите граѓани.

Градоначалникот нагласи дека Општина Илинден континуирано вложува во подобрување на патната и комуналната инфраструктура, бидејќи тоа претставува клучен фактор за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани, соопштуваат од Општина.

Реконструкцијата е целосно финансирана од буџетот на Општина Илинден, а во наредниот период ќе продолжат активностите за унапредување на патната инфраструктура и во останатите делови од општината, се додава во соопштението.

Scroll to Top