Ковачки: Македонија инвестира во својата безбедност, модернизација и стабилност

Македонија инвестира во својата безбедност, модернизација и стабилност.

Во Собранието е Предлог-буџетот за 2026-та, фокусиран на развој, но и на безбедност гарантирана од државните институции, вели Драган Ковачки пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Воената академија ќе добие за 419% поголем буџет. Ова се средства насочени кон зголемена професионализација на Македонската армија, насочени кон подобри услови и поквалитетно образование за нашите офицери, а со тоа и зголемена безбедност за нашата држава.

Во оваа насока е и ставката „стручно оспособување во земјата и странство“, што ќе направи да зачекориме рамо до рамо со нашите НАТО сојузници, а со тоа и да се зацврсти нашата меѓународна позиција.

Посветеноста кон одбраната и модернизацијата на армијата се покажува и преку Буџетот за Министерството за одбрана, кој од следната година е зголемен за 8,4%, односно од 20,4 на над 22 милијарди денари“.

Овде, исклучиво во делот на модернизација, посочи тој, се предлага буџетско зголемување од дури 38.1% односно цели 406 милиони денари повеќе.

Дополнително, како што рече, за опрема и механизација за македонската одбрана, предвидено е зголемување на средствата за 15,7%, односно 844 милиони денари.

„Ова се конкретни бројки што покажуваат дека Македонската одбрана се движи напред, со јасна стратегија и јасни цели.

Во време на глобални безбедносни ризици, за стабилна економија мора да имаме и стабилна одбрана.

Со овој буџет:

– Ја зајакнуваме нашата улога како доверлив сојузник во НАТО.

– Создаваме услови за нови вработувања, обука, техничко и технолошко унапредување.

– Градиме армија што ги следи стандардите на најсилните демократии.

– Ги штитиме нашите граѓани, инфраструктура и територија“.

Scroll to Top