(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки

На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.

„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.

Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.

Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.

Scroll to Top