Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, учествуваше на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда што денес се одржа во Клубот на пратеници во Скопје.
Во своето обраќање Муртезани нагласи дека климатската и еколошката правда се стратешки приоритет за Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Особено го истакна влијанието на климатските ризици врз ранливите групи, значењето на Националниот енергетски и климатски план, потребата од регионална соработка, улогата на Архуската конвенција во зголемување на транспарентноста и важноста на Акцискиот план за еколошка правда. Муртезани порача дека земјата сака да биде активен придонесувач кон регионалната и европската зелена трансформација.
„Ова не е само еколошко прашање. Ова е прашање на еднаквост, пристап до здравје, економска стабилност и доверба во институциите. Токму затоа климатското дејствување е дел од европската перспектива и дел од развојната визија на Северна Македонија.
Во изминатиот период вложивме сериозни напори да ја вградиме климатската политика во стратешките документи. Новиот Национален енергетски и климатски план го приближува нашето енергетско планирање кон европскиот модел, каде што намалувањето на емисиите, интеграцијата на обновливите извори и енергетската ефикасност се третираат како меѓусебно поврзани цели. Анализата за климатска адаптација во земјоделството е уште еден важен чекор, бидејќи го зајакнува капацитетот на сектор кој е директно изложен на климатските ризици. Паралелно со тоа, институциите веќе работат на систематизирање зелени работни места и нови квалификации што ќе ја поддржат транзицијата, со што ја отвораат вратата за нови професионални можности, особено за младите“.
Клучно е да разберем, вели тој, дека климатските и еколошките прашања не се изолирани на национално ниво.
„Нашите реки, нашата природа, како и нашиот воздух, ги делиме со регионот. Затоа Зелената агенда за Западен Балкан, инструментите како IPA III и рамките на Енергетската заедница се можност за вистинска регионална конвергенција. Нашата цел не е само да ги исполниме европските барања, туку и да учествуваме во создавање регионален стандард што ќе придонесе за стабилност, економска конкурентност и подобро здравје за граѓаните“.







