Пренџов: Буџетската расправа треба да е дискусија за бројки и проекти, а не обид за подгревање на меѓуетнички тензии

Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната расправа одржана во рамките на Комисијата за финансирање и Буџет во Собранието истакна дека кога се дискутира за бројки и парите на граѓаните мора да постои прецизност, бидејќи граѓаните од пратениците очекуваат информативен бенефит, што се случува во Македонија и каде се трошат нивните пари, а не на буџетска расправа да се ставаат теми кои не се поврзани со Буџетот.

Пренџов истакна дека во поглед на одбележување на Рамковниот договор, во рамки на Владата тоа постои секоја година и даде уверување дека тоа одбележување ќе биде на истото ниво и повисоко од тоа што било лани или пред 5 години. Пренџов дополни дека за време на владеењето на претходната власт, 7 години се трошеа огромни средства, пари на непродуктивни работи.

„Денеска, најголем дел од прославите се прават во рамки на „Клубот на пратеници“, и нормално е да тоа што е државно чини помалку од тоа што е приватно и кога вие се грижите за народните пари, нормално е да ги оптимизирате трошоците, да има се да биде достојно обележано и тоа да ги чини сите нас граѓаните помалку. Сите работи ќе си бидат испочитувани, изорганизирани на највисоко ниво“.

Пренџов, во понатамошниот дел од своето излагање упати апел да не се поистоветува спортот и наводните меѓуетнички тензии, при што истакна дека секоја држава и секоја нација треба да вложува во младите и спортот и укажа дека е поразително поранешен вицепремиер и актуелен пратеник да се обидува да го поистоветува спортот со меѓуетнички тензии.

„Јас немам проблем вие да побарате амандмани за било што, тоа е нормално тоа е демократија. Јас немам проблем да разговарате со граѓани коишто имаат реални потреби и тие реални потреби на граѓаните да ги артикулирате низ амандмани и овдека да ги дискутираме, но е нечесно да кажете на Македонија не и треба спорт, два пати тоа го спомнавте“.

Укажа дека во Македонија ќе има и спорт и одбележување на сите настани коишто ја одбележуваат Македонија, преку оптимизација на трошоците, бидејќи домаќинското и одговорно работење е императив на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top