Делови од неодамна објавената биографија на Роберт Левандовски во Полска го привлекоа вниманието на европската фудбалска јавност.
Во книгата, авторот Себастијан Сташевски тврди дека Барселона се обидела да влијае врз својот напаѓач на крајот од сезоната 2022/23 за да избегне исплата на договорениот бонус на Баерн.
Имено, во периодот кога Барселона веќе ја обезбедила титулата, Левандовски имал состанок со неколку членови на одборот, вклучувајќи го и претседателот Џоан Лапорта.
Полјакот тогаш водеше во трката за најдобар стрелец во Ла Лига со 23 гола, но еден од членовите на одборот наводно го замолил да „престане да постигнува голови во последните две кола“.
Причината, според авторот, била клаузула во договорот со Баерн, која ја обврзувала Барселона да плати 2,5 милиони евра ако Левандовски постигне 25 гола во својата прва сезона во Шпанија.
Левандовски ги одигра двата преостанати натпревари таа сезона, но не постигна ниту еден гол, и покрај тоа што остана на теренот цели 90 минути. Сепак, тој го заврши првенството како најдобар стрелец и ја освои наградата Пичичи, пред Карим Бензема.







