Гаши потпиша Меморандум за соработка со Меѓународниот парламент за толеранција и мир

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, заедно со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, Ахмед Бин Мохамед Алџарван, го потпишаа Меморандумот за соработка помеѓу нашето Собрание и Меѓународниот парламент за толеранција и мир (IPTP).

„Овој Меморандум претставува важна институционална рамка која има за цел: продлабочување на меѓународната парламентарна соработка во областите на толеранцијата, мирот и демократскиот дијалог; редовно учество на Собранието на седниците, комитетите и иницијативите на IPTP; континуирана размена на информациите за активностите, документите и парламентарните проекти на оваа организација и координација на можностите за спроведување на заедничките настани, конференциите и проектите од заеднички интерес“, соопштија од Собранието.

Инаку, Глобалниот совет за толеранција и мир е меѓународна организација основана во 2017 година во Малта, врз основа на дипломатскиот договор со Владата на Малта, кој ѝ дава дипломатски привилегии и имунитети.

„Овој Меморандум претставува важен чекор во унапредувањето на улогата на Собранието на меѓународната арена и значаен придонес во промовирањето на вредностите на дијалогот, меѓусебното почитување и глобалниот мир“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top