Го предупредувале газдата за инспекции, а неговиот син давал поткуп за тоа – инспектори и даночни контролори нови осомничени за пожарот во „Пулс“

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс”.

За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.

Тие се осомничени за примање поткуп, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на „Пулс” е осомничен за давање поткуп.

За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.

Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе” и „Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување.

За нив се предложени мерки на претпазливост.

Сопственикот на „Пулс” кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот.

Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.

Scroll to Top