Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова ја формализираа соработката меѓу двете институции со потпишување на Меморандум за соработка.

Со Меморандумот се предвидува зајакнување на меѓусебната координација преку навремена, директна и взаемна комуникација, размена на суштински податоци и информации, како и подготовка и реализација на заеднички проекти со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка.

Целта на Меморандумот е да овозможи систематски и усогласен пристап во размената на податоци меѓу институциите. Во таа насока, на Управата за јавни приходи ќе ѝ бидат ставени на располагање податоците од геодетско-катастарскиот систем, како и други информации и активности од заемен интерес.

Потпишувањето на овој документ претставува континуитет и продлабочување на досегашната успешна соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи.

Директорот Живковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и истакна дека тој ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработката, преку взаемна поддршка и заедничко делување во исполнување на законските надлежности и остварување на заедничките цели на двете институции.

Scroll to Top