Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес предупреди, пред состанокот на групата земји Г20 во Јоханесбург, дека секое „мирно решение“ за Украина мора да го почитува нејзиниот „територијален интегритет“.
На прашањето на новинарите за планот поддржан од САД, Гутереш на прес-конференција нагласи дека планот „никогаш не бил официјално презентиран од САД или од која било друга организација“.
Сепак, мировниот план треба да ја почитува Повелбата на ОН и меѓународното право, додаде тој.
„Мировното решение за Украина што би било во согласност со овие принципи би ги почитувало и резолуциите на Генералното собрание (ОН), кои јасно нагласуваат дека територијалниот интегритет на Украина, и воопшто, територијалниот интегритет на сите држави во светот, треба да се почитува“, рече Гутереш.
Планот на САД вклучува територијални отстапки
Американски функционер вчера изјави дека планот на САД за Украина вклучува безбедносни гаранции од Вашингтон и неговите европски сојузници еквивалентни на оние од НАТО во случај на иден напад, потврдувајќи ги претходните извештаи во печатот, пишуваат медиумите.
Според планот, Киев ќе мора да се обврзе дека никогаш нема да се приклучи на НАТО и нема да користи мировни сили, иако планот предвидува стационирање на европски борбени авиони во Полска за заштита на земјата.
Планот, според написите, ќе вклучува големи територијални отстапки за Украина.
Кремљ во петокот соопшти дека Русија сè уште не добила ништо официјално од Соединетите Американски Држави во врска со мировниот план на САД за Украина од 28 точки, но дека е подготвена да преговара.
Фото: принтскрин







