Насилство врз жените во политиката е насилство врз целата демократија

Клубот на пратенички во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) Канцеларија Скопје и Центарот за интернет, развој и добро управување IMPETUS денеска организираа работна средба и дискусија на тема: „Насилство врз жените во политиката и изборите Линија „Биди безбедна“ локални избори 2025 – предизвици и понатамошни чекори“.

На средбата свои воведни обраќања имаа Јована Тренчевска, претседателка на Клубот на пратенички, Весна Ѓорѓиева, заменик – претседателка на Комисија за еднакви можности и Афердита Хaџијаxа Имери, IFES.

Претседателката на Клубот, Тренчевска изрази задоволство што оваа средба се оддржува денеска на почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“. Таа информираше дека пратеничките веќе излегоа на терен и делеа информативен флаер на граѓаните кој беше изработен на иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со цел директно да ја приближат кампањата и пораката за спречување на насилството врз жените и девојките.

Тренчевска ја поздрави иницијативата на IFES I IMPETUS за безбедност на жените во кампањата и изборните процеси.

Насилството не е само физичко може да биде во повеќе облици психичко, преку закана, потценувачки коментар, и тн., овие напади не се само напади врз жените во политиката, туку и врз целата демократија – рече заменик – претседателка на Комисија за еднакви можности, Весна Ѓорѓиева.

Афердита Хaџијаxа – Имери, од IFES сподели дека насилството врз жените во политиката е најсериозна пречка за учество и го нарушува целиот изборен процес.

Лилјана Пецова, од IMPETUS – Центар за интернет, развој и добро управување презентираше како функционирала Линијата „Биди безбедна“ за време на локаните избори (26 септември – 25 октомври) 2025 година, каде имало вкупно 6 пријави од кои 3 консултативни, 2 барање за информации и една пријава за социјална мрежа.

По презентацијата следуваше дискусија на присутните каде во фокус беа: формите на насилство врз жените во политиката, каде е границата помеѓу легитимната политичка критика и говорот на омраза, дали онлајн нападите влијаат врз одлуката на жените во однос на нивните кандидатури, каде жена политичарка може да се обрати и што се случува потоа?

Исто така беа споделени и можните насоки за понатамошна поддршка на жените во политиката, особено во контекст на изборните процеси.

Scroll to Top