Минчев: Стоп за партиските вработувања, време е квалитетот да биде пред сѐ

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Битола ја отвори четвртата серија од генеричките обуки за административните службеници за 2025 година, овојпат наменети за институциите од Пелагонискиот регион.

Настанот се одржа во Офицерскиот дом во Битола, каде Министерството ја продолжи својата стратегиска агенда за создавање современа, професионална и европска јавна администрација.

Министерството за јавна администрација го заокружува годишниот процес на генерички обуки, преку кој во 2025 година беа опфатени над илјада јавни службеници од Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот регион.

Во 2026 година, како што најави министерот Минчев, обуките ќе продолжат со уште поголем интензитет, континуитет и систематичност.

Министерот истакна дека јавната администрација е „темелот и крвотокот на државата“ и дека нејзината професионализација претставува еден од најважните приоритети на Владата.

„Кога службеникот ќе постапи чесно, љубезно и професионално, граѓанинот не гледа политичка партија, туку држава. Овие обуки не се само дел од реформа, тие се дел од новата култура на јавна служба, култура на отчетност, стручност и достоинство“, нагласи Минчев.

Во своето обраќање, министерот го истакна и значењето на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој се воспоставуваат системски основи за вистинска професионализација на јавната административна служба. Клучен столб на овој процес е формирањето на Академијата за јавни службеници, која ќе започне со работа во 2027 година.

„Академијата ќе биде куќа на знаењето, лабораторија на идеи, универзитет на практиката. Тоа е модел што ја носи Македонија чекор поблиску до европските стандарди“, истакна министерот.

Минчев најави и дека значаен дел од реформската агенда ќе биде и Законот за висока раководна служба, со кој ќе се воспостави професионален, стабилен и деполитизиран управувачки кадар.

„Овој закон е гарант на институционална зрелост. Тоа е крај на партизацијата во раководењето и почеток на нова ера на стабилно, транспарентно и професионално управување“, порача министерот.

Тој нагласи дека јавната администрација не е трошок, туку инвестиција во стабилноста, довербата и европската иднина на државата.

На крајот, министерот упати повик за заедничка посветеност кон реформите:

„Ова е нашата историска шанса, да создадеме администрација што ќе биде гордост, а не товар; институции што ќе бидат двигател на развојот; држава што ќе биде европска и по вредности и по резултати. Заедно можеме и заедно ќе успееме.“

Scroll to Top