ДСЗИ нареди вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето „Димо Хаџи Димов“

Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.

Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, рече дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје за пројавени стомачни тегоби кај ученици од ова училиште, на терен се врши вонреден и координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и со ЦЈЗ Скопје.

„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.

Во врска со неофицијални информации дека можеби водата е причината за стомачните тегоби кај децата, Лазов вели дека за водата не е надлежен ДСЗИ.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.

Андоновска кажа дека екипата се уште е на терен и дека се работи за анализи кои треба да потраат.

„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.

Андоновска кажа дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.

Scroll to Top