Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози

Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес. „Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето. „Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски. Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат. Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје. Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected] . Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.

Scroll to Top