Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека е уверен дека американските напори за завршување на војната во Украина ќе вродат со плод.
„Сите работиме на завршување на војната против Украина со праведен и траен мир. Ги поздравуваме напорите на Соединетите Американски Држави и сум убеден дека овие напори ќе доведат до мир во Европа“, рече Руте на прес-конференција пред утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.
Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер, престојуваат во Москва и се среќаваат со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакаме војната да заврши со суверена Украина и Русија никогаш повеќе да не може да ги нападне своите соседи“, истакна генералниот секретар, додавајќи дека е завршена многу работа за безбедносните гаранции за Украина.
Кога беше прашан за почетниот американски план од 28 точки, кој предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, Руте рече дека проширувањето на Алијансата бара консензус од земјите-членки и сега нема консензус за Украина.
Руте рече дека во последните месеци, европските и канадските сојузници обезбедија милијарди долари за купување американска опрема и оружје за Украина.
„Очекувам дека сојузниците ќе објават нови придонеси во наредните денови“, рече генералниот секретар.
Според иницијативата ПУРЛ (Список на приоритетни барања на Украина), со која сојузниците на НАТО и другите партнери финансираат и организираат набавка на американско оружје, муниција и воена опрема за Украина, треба да се обезбедува една милијарда месечно.
„На вистинскиот пат сме, почнавме во август со една милијарда месечно, а досега се обезбедени четири милијарди. За следната година, исто така, треба да обезбедиме најмалку една милијарда месечно за купување основна опрема од САД“, рече Руте.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО утре ќе разговараат за мировните напори за запирање на руската агресија врз Украина и за зајакнување на одбранбените капацитети и одвраќањето.
Американскиот државен секретар Марко Рубио нема да учествува на состанокот.
„Не сакам да извлекувам никакви заклучоци од неговото отсуство“, рече Руте.
„Не се сеќавам на нешто слично во поновата историја“, рече поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, истакнувајќи дека неговото отсуство би испратило погрешен сигнал, особено во време кога е потребна поблиска координација со европските сојузници за Украина.
Наместо Рубио, САД ќе ги претставува неговиот заменик Кристофер Ландау.







