Уапсена поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини

Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и актуелен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, е приведена како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати, објавуваат белгиските медиуми.

Европското јавно обвинителствопретходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.

Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.

Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.

Меѓу уапсените е и Стефано Санино, генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот, кој беше генерален секретар на ЕЕАС за време на мандатот на Могерини, објавува „Белга“.

Белгиската полиција денес ги претресе канцелариите на ЕЕАС во Брисел, просториите на Колеџот на Европа во Бриж, кој добива средства од ЕУ, како и приватни домови во Белгија, вклучувајќи ја и приватната резиденција на Могерини во Бриж.

Могерини ја предводеше ЕЕАС од 2014 до 2019 година. Од 2020 година, таа е ректор на Колеџот на Европа, а беше избрана и за директорка на Дипломатската академија на ЕУ.

Scroll to Top