Разговорот на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, заврши во Кремљ по повеќе од пет часа.
Заедно со Путин, во руската делегација се и двајца негови советници, Кирил Димитриев и Јуриј Ушаков.
По средбата, Димитриев се огласи на социјалната мрежа „Икс“, каде што објави фотографија од средбата со стикер од гулаб со маслиново гранче, што симболизира мир.
Productive 🕊️ pic.twitter.com/YlkqF0b7tr
— Kirill Dmitriev (@kadmitriev) December 2, 2025
„Продуктивно“, напиша тој, пренесе „ТАСС“.
По него, зборуваше и Јуриј Ушаков.
Тој рече дека засега не е изнајден компромис на мировниот план за решавање на ситуацијата во Украина.
„Сè уште не е пронајдена компромисна варијанта на мировниот план за Украина, но некои американски нацрти за мировно регулирање изгледаат повеќе-или-помалку прифатливи, но потребна е дискусија. Некои формулации што ни беа предложени не ни одговараат. Односно, работата ќе продолжи“, објасни Ушаков, во изјава што ја пренесоа руските медиуми.
По состанокот, Виткоф отишол во зградата на американската амбасада во Москва.







