Федерика Могерини обвинета за измама и корупција

Поранешната шефица за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и уште две лица се официјално обвинети за измама во јавните набавки и корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, соопшти денеска Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).

Тројцата вчера беа приведени како дел од истрагата за измама на ЕУ и сега се ослободени во исчекување на понатамошна истрага, соопшти EPPO, додавајќи дека не се смета дека се изложени на ризик од бегство.

Другите двајца осомничени се висок член на персоналот на Колеџот на Европа во Бриж и висок функционер на Европската комисија. Три извори изјавија за „Ројтерс“ дека еден од приведените е високиот дипломат на ЕУ, Стефано Санино. Ниту Могерини ниту Санино не беа достапни за коментар, објави „Ројтерс“.

Федерика Могерини беше потпретседателка на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика и безбедност од 2014 до 2019 година, а од 2020 година е ректор на Колеџот на Европа.

Стефано Санино е еден од најискусните европски дипломати. Тој беше генерален секретар на Европската служба за надворешни активности (EEAS) од 2021 година до оваа година, кога ја презеде Генералната дирекција на Комисијата за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.

„Сите лица се сметаат за невини сè додека не се докаже нивната вина од страна на надлежните белгиски судови“, нагласи EPPO.

Белгиската полиција ги претресе просториите на EEAS и Колеџот на Европа во Бриж на барање на EPPO поради сомнение дека престижната постдипломска високообразовна институција добила однапред информации за натпревар за обука на дипломати.

Истрагата се спроведува во врска со проектот Дипломатска академија на Европската унија, деветмесечна програма за обука за помлади дипломати во земјите-членки, која Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) му ја додели на Колеџот на Европа во Бриж во периодот 2021-2022 година.

Истрагата се обидува да утврди дали Колеџот на Европа, елитна образовна институција каде што се образуваат многу службеници на ЕУ, бил однапред информиран за критериумите за избор во постапката за конкурс и дали претставниците на Колеџот имале доволно причини да веруваат дека ќе им биде доделена имплементацијата на проектот пред официјалното објавување на конкурсот.

Могерини и Санино, двајцата италијански државјани, се добро познати во дипломатските кругови во Брисел, а веста за нивното притворање предизвика шок во заедницата на ЕУ.

„Политико“ пишува дека скандалот ја става претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, соочена со најголемиот предизвик во нејзиниот мандат – истрага за измама во која се вклучени две високи личности во Брисел, која се заканува да ескалира во целосна криза.

Точно една година од нејзиниот втор мандат, фон дер Лајен, која веќе се соочува со прашања за нејзината посветеност на транспарентност, сега мора да најде начин да докаже дека не е вклучена во скандал што датира од нејзините рани години на функцијата, истакнува „Политико“.

Scroll to Top