Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.







