Средбата со специјалниот претставник на САД, Стивен Виткоф, и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, во Кремљ беше многу корисна, изјави денес рускиот претседател Владимир Путин.
Во интервју за Индија Тудеј, тој рече дека предлозите што американските преговарачи ги донесоа во Москва се базираат на договорите меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска, но исто така истакна дека постигнувањето консензус е „тешка задача“.
Американската страна ги подели 27-те точки од планот на Трамп во четири пакети и предложи да се дискутираат одделно, објави рускиот претседател.
Путин објасни дека морал да ја разгледа речиси секоја точка од планот, поради што состанокот со американската делегација траел толку долго, околу пет часа.
Имало прашања со кои Русија не се согласувала, а страните разговарале за нив, рече Путин.
Рускиот претседател, исто така, истакна дека жителите на регионите Доњецк и Луганск на Украина не сакаат да живеат со Украина и дека тоа го изразиле на референдум.
„Русија ѝ предложи на Украина да ги повлече своите трупи од Донбас и да не започнува воени операции, но Киев одлучи да влезе во војна“, рече Путин.
Тој изјави дека Русија ќе ги ослободи Донбас и Новорусија „во секој случај, со воени или други средства“.
Путин, исто така, рече дека Русија се обидува да изгради односи меѓу ДНР и ЛНР и Украина, но дека Киев не ги признава.







