Зеленски: Украина ги продолжува преговорите со Америка за праведен мир

Украинската делегација ќе ги продолжи преговорите во Соединетите Американски Држави со цел да ги разјасни деталите од состанокот на претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп во Русија. И да ги координира понатамошните чекори за постигнување праведен мир, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Нашата задача сега е да добиеме целосни информации за тоа што беше кажано во Русија, какви други изговори најде (рускиот претседател Владимир) Путин за да ја продолжи војната и да изврши притисок врз Украина, врз нас, врз нашата независност“, нагласи Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Укринформ.

Тој истакна дека Украина е подготвена за секаков развој на настаните. „Ќе работиме што е можно поконструктивно со сите наши партнери за да постигнеме мир и да го направиме достоинствен мир“, рече Зеленски.

Според него, вистинскиот, достоинствен мир е можен само под услов на вистинска безбедност за Украина.

Тој рече дека Украина активно работи на сите елементи на идните безбедносни гаранции, а нови состаноци за овие прашања ќе се одржат следната недела.

„Општо земено, во тек е детална работа на целата архитектура на безбедносните гаранции што ни се потребни, пренесува Танјуг. А тоа се воените, економските и политичките компоненти“, прецизираше Зеленски.

Фото: ЕПА

Scroll to Top