Убиецот на Шинзо Абе за прв пат му се извини на семејството на поранешниот премиер

Мажот обвинет за убиството на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе се извини на семејството на починатиот политичар за прв пат. Тецуја Јамагами, кој претходно се изјасни за виновен за убиство и други обвиненија, вчера пред судот изјави дека „длабоко жали“ за вдовицата на Абе, Акие, објави Би-би-си.

Јамагами го застрелал Абе со рачно изработено оружје за време на политички митинг во западниот јапонски град Нара на 8 јули 2022 година. Поранешниот премиер почина истиот ден во болница, а неговата смрт го шокираше светот. Абе беше познат по својата строга надворешна политика и препознатлива економска стратегија што стана позната како „Абеномика“.

„Им предизвикав три и пол години страдање… Немам изговор“, изјави Јамагами пред судот.

Јамагами наводно им рекол на истражителите дека го нападнал Абе затоа што го обвинувал за промовирање на Црквата на обединување, за која тврди дека финансиски ја уништила неговата мајка и целото семејство. Неговите обвинувања предизвикаа широка истрага за Црквата на обединување, која е основана во Јужна Кореја и е позната по организирање масовни свадби.

Црквата на обединување беше предмет на контроверзии дури и пред атентатот врз Абе. Дедото на Абе, Нобусуке Киши, исто така поранешен јапонски премиер, беше познат како близок до црквата поради нејзината антикомунистичка природа, а самиот Абе во минатото зборувал на настани поврзани со групата.

Во март оваа година, суд во Токио нареди црквата да се распушти, а организацијата изјави дека ќе „се бори до крај“. За време на сослушувањето минатиот месец, обвинителите прочитаа изјава од вдовицата на Абе, Акие, во која таа напиша: „Тагата поради губењето на мојот сопруг нема да биде ублажена“.

Scroll to Top