По повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Црвениот крст на РСМ, организираше заеднички активности со цел да се истакне значењето на волонтерскиот ангажман и да се даде признание на сите кои несебично придонесуваат за доброто на заедницата.
Денот започна во Централната канцеларија на Црвениот крст, каде пратениците беа поздравени од проф. д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст, кој ја нагласи важноста на волонтерството како двигател на солидарноста и хуманоста. Пратениците добија ориентирање и конкретни волонтерски задачи, по што беа распределени на различни работни позиции на територијата на град Скопје.
Во периодот од 10:00 до 11:00 часот, претставници на законодавниот дом учествуваа во волонтерски активности во:
– Дневниот центар за лица со посебни потреби „Пролет“;
– „Нега Центар“;
– Центарот за прва помош;
– Дневниот центар за активно стареење „Даре Џамбаз“;
– Дневниот центар за активно стареење – Чаир;
– Центарот за доброволно дарување крв „Даре Џамбаз“;
– Центар „Копче“;
– Пунктот за бездомници „Момин Поток“;
– Логистичкиот центар „Момин Поток“.
Вклучени во овие активности беа пратениците: Ваљбона Емини Адиљи, Павле Арсовски, Оливер Спасовски, Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Сања Лукаревска, Јованка Тренчевска, Беким Сали , Рашела Мизрахи, Грација Бакаревска, и Ангелинка Петкова.
Активностите продолжија во Собранието, каде се одржа прием. Присутните ги поздрави претседателот Африм Гаши.
„Бидејќи отсекогаш сум се стремел да бидам промотор на човечноста и во политиката, не е случајност што, заедно со почитуваните пратеници на Собранието, сме тука не само како претставници на граѓаните, туку и како сограѓани-волонтери. Со нашето волонтерско ангажирање денес сакаме да дадеме пример дека волонтерството не е само повик, туку морална, институционална и човечка одговорност“- кажа Гаши во неговото обраќање.
Обраќање имаше и Саит Сати, генерален секретар на Црвениот крст, кој се заблагодари за партнерството и за придонесот на волонтерите во заедницата. Исто така тој ја истакна силата на волонтерскиот дух и потребата од натамошна поддршка на граѓанското ангажирање.
Во рамки на свечениот дел беше извршено доделување благодарници за сите волонтери вклучени во операцијата за помош и поддршка на населението погодено од несреќата во Кочани.
Следуваше потпишување на парламентарна декларација за поддршка на волонтерството, со која Собранието ја реафирмира својата заложба за унапредување на волонтерските програми.







