Дисциплинската комисија на УЕФА делумно ја прифати жалбата на Баерн Минхен и му ја намали казната на Колумбиецот Луис Дијаз.
Клубот од Минхен потврди дека Европската куќа на фудбалот одговорила на нивната жалба и му ја намалила казната на Луис Дијаз од три на два натпревари поради црвениот картон што го доби на натпреварот од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен (2:1) на 4 ноември во главниот град на Франција.
Колумбиецот беше исклучен на крајот од првото полувреме во Париз кога грубо стартуваше врз Ашраф Хакими. Судијата доби повик од ВАР собата, го погледна видеото и го исклучи Дијаз.
Во тој момент, Баерн водеше со 2:0 со головите на Луис Дијаз и до крајот на натпреварот успеа да ја зачува победата и покрај тоа што имаше еден играч помалку во преостанатите 45 минути.
28-годишникот веќе отслужи еден натпревар суспензија, го пропушти натпреварот против Арсенал (1:3) во Лондон, а нема да може да игра ниту во вторник, 9 декември, против Спортинг Лисабон во Минхен.
Откако пристигна од Ливерпул ова лето за 60 милиони евра (45+15), Луис Дијаз се покажа како одлично засилување за Баварците. Досега, тој одигра 20 натпревари во сите натпреварувања и постигна 12 гола со шест асистенции.
Foto/ EPA







