(Видео) Филипче: Мицкоски за пари прифаќа мигранти, нема да има шатори, но ќе има социјални станови

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција повторно рече дека е повеќе од очигледно дека постои договор за мигрантите кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ е обврзана да го прифати.

Тој укажа дека ваквата обврска е директно поврзана со тешката финансиска состојба во која се наоѓа државата и продлабочената буџетска дупка што ја создаде власта.

„Повеќе е од очигледно дека договор за мигрантите има. Власта на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише тој договор, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милјарди евра. Работите се врзани во пакет, Мицкоски и владата отворија толку голема дупка, што нема пари како да се затвори се. Веќе сега, до крајот на годината, има една милјарда евра недостаток на пари во буџетот“, рече Филипче.

Тој кажа дека власта на ВМРО-ДПМНЕ подготвува пролетни избори, за да ги сокрие мигрантските договори кои веќе се водат зад затворени врати, а за кои граѓаните дознаваат од светските медиуми.

„Најавивме дека власта планира и подготвува избори следната година на пролет. Тоа значи дека мигрантите се веќе договорени, а за возврат треба да добијат пари“, истакна Филипче, додавајќи дека и изјавите на Мицкоски го откриваат нивното сценарио.

„Мицкоски вчера изговори дека додека тој има мандат како премиер, нема да има шатори за мигрантите. Што може да значи само една од двете работи. Прво, дека се планираат избори и мисли на втор мандат после изборите. И второ, мисли на тоа дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови. Но прочитани се, им ги знаеме сите чекори однапред“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче предупреди дека земјата се наоѓа во сериозна состојба и дека Македонија воопшто нема капацитет да се справи со дополнителен товар како што е прифаќањето на мигранти.

„Дали Македонија, земја која веќе се соочува со потешкотии да исплати плати и да одржи базичен ред дома, може да издржи евентуален наплив на мигранти? И, дали економски таквата обврска е воопшто одржлива?“, праша Филипче.

Тој кажа дека Албанија и Косово веќе прифатиле одбиени мигранти од Британија и Италија, при што, како што кажа, во Албанија првите мигранти веќе се пристигнати, донесени со воен брод.

„Ако Албанија и Косово се веќе вклучени, јасно е која би била третата земја во регионот што не е членка на ЕУ. Во овој момент – тоа е Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Лидерот на СДСМ и вчера ги изнесе ваквите тврдења. Премиерот, Христијан Мицкоски, ги отфрли овие тврдења и кажа дека додека тој е премиер нема да никне ниту еден шатор за прифаќање мигранти.

Scroll to Top