Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ерата на американската доминација по Втората светска војна, позната како „Pax Americana“, за Европа во голема мера е завршена. и дека континентот мора да се приспособи на новата глобална реалност.
„Децениите на Pax Americana за нас во Европа, а со тоа и за Германија, во голема мера завршија. Носталгијата нема да промени ништо“, изјави Мерц, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека САД сè појасно ги следат сопствените национални интереси, поради што и Европа мора да развие поголема стратешка самостојност.
Според Мерц, промените што се случуваат во меѓународните односи не се обични подеми и падови во сојузништвата, туку, како што рече, „речиси тектонски поместувања“ во глобалниот поредок.
Германскиот канцелар оцени дека Германија не мора повторно да се гради од почеток, но дека ѝ е потребна длабока модернизација, што не може да се постигне за кратко време.
Тој исто така порача дека Германија треба да создаде услови младите и иновативни луѓе да можат да се реализираат дома, без да мораат да заминуваат во Соединетите Американски Држави.
Изјавите на Мерц доаѓаат во период на засилени дипломатски напори поврзани со војната во Украина и идната улога на Европа во безбедносната архитектура, при што, според оценките на аналитичарите, Берлин настојува да заземе појасна и поавтономна позиција во однос на Вашингтон.
Фото: depositphotos







