Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата

ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.

На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.

 

Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.

„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.

 

Scroll to Top