Винисиус Жуниор повторно предизвика контроверзии, откако беше заменет против Севилја (2:0).
Овој пат, тоа не го направи на теренот на „Бернабеу“, како за време на Ел Класико, туку пред очите на своите 57 милиони следбеници на Инстаграм.
Лут поради свирежите што ги слушна при напуштањето на играта, Бразилецот ја смени својата профилна слика на Инстаграм кратко по завршувањето на натпреварот Реал Мадрид – Севиља (2:0), пишува „Марка“, во текстот со насловот „Кавгата на Винисиус пред очите на 75 милиони следбеници“.
Само десет минути по последниот свиреж на судијата, сè уште во соблекувалната, ја отстрани фотографијата на која го држи дресот на Реал Мадрид и ја замени со слика од натпреварот во дресот на бразилската репрезентација.
„Седумката“ на Реал Мадрид го напушти теренот во 83-та минута со свирежи, но и аплауз од некои навивачи, што јасно ја покажа поделбата меѓу публиката.
Неговиот потег на социјалните мрежи дополнително ги разгоре тензиите за неговиот однос со навивачите на „Бернабеу“. Покрај тоа, тој објави две фотографии од натпреварот против Севилја придружени со три точки.
Интересно е што толку брзо ја смени сликата на профилот што во своите Инстаграм приказни, додека ги споделуваше тие фотографии, старата слика со дресот на Реал сè уште беше видлива.
Винисиус не го дочекува крајот на 2025 година во најдобра атмосфера. Односот со навивачите на Реал и тренерот Чаби Алонсо е далеку од идиличен. Свирежите што ги слушна против Севилја се одраз на незадоволството од неговото однесување во текот на сезоната. Неговите гестови кон Чаби за време на Ел Класико означија пресвртница во тој однос со публиката, а последователните инциденти исто така не му помогнаа.
Неговото смеење на клупата откако Талавера постигна гол од 2:3 во Купот на Кралот особено негативно влијаеше врз навивачите на Реал.
Публиката повеќе не му простува, а во корист не му оди ниту формата во која се наоѓа. Најновиот потег, отстранувањето на фотографијата во дресот на Реал Мадрид од профилот на Инстаграм е уште едно поглавје во оваа „студена војна“ помеѓу Бразилецот и навивачите.
Foto/ depositphotos







