Ферстапен во новата сезона со нов број, Норис ја зеде „единицата“

Холанѓанецот Макс Ферстапен, во следната сезона во Формула 1, ќе го вози болидот на Ред Бул со својот омилен број три (3), додека Ландо Норис одлучи да го земе бројот еден (1), како актуелен светски шампион.

Кога влезе во светот на Формула 1 во 2015 година, како член на тимот Торо Росо, Ферстапен не можеше да го земе бројот три, бидејќи во тоа време го користеше Даниел Рикардо, кој се натпреваруваше за Ред Бул, па Холанѓанецот одлучи да се натпреварува со бројот 33.

Тој го задржа тој број до 2022 година, кога ја зеде „единицата“, откако ја освои првата од четирите последователни светски титули. Во новата сезона, новиот светски шампион, Британецот Ландо Норис, ќе го носи бројот 1 на својот Мекларен.

Правилата наведуваат дека бројот мора да биде надвор употреба од Формула 1 две години, пред друг возач да може да го земе. Рикардо последен пат го користеше во 2024 година, кога возеше за Рејсинг Булс, а кога се пензионираше од Формула 1, му даде дозвола на Ферстапен да го користи бројот три.

„Мојот омилен број отсекогаш бил три, покрај бројот еден. Сега можеме да се замениме, па тројката ќе биде моја“, рече Ферстапен.

„Бројот 33 беше добар, но јас едноставно повеќе сакам една тројка. Секогаш велев дека (33) е двојна среќа, но веќе имав доволно среќа во Формула 1“, додаде Холанѓанецот.

Единствените возачи што го освоија светското првенство во Формула 1 со бројот три беа Жак Вилнев во 1997 година и Михаел Шумахер во 2000 година.

Освен Ферстапен, само новиот светски шампион Ландо Норис ќе го промени својот број за новата сезона. Обврската на светскиот шампион да носи број еден на автомобилот беше укината во 2014 година.

„Тоа е традиција, постои со причина. Сите ние како тим, кои имаме улога во Мекларен, ќе го носиме со гордост. Тоа е почит кон сите мои механичари, моите инженери, секој што е дел од Мекларен. Тоа е извор на гордост за нив, знаејќи дека вложиле многу работа и труд во сè, поради што можат да речат – ние сме број еден“, рече Норис.

Foto/ depositphotos

Scroll to Top