Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ денеска се одржа прес-конференција на која градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со дел од изведувачите, ја најави тридневната празнична манифестација „Новогодишна приказна“. Истата ќе се одржи од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“.
Настанот го модерираше Миро Кацаров, кој воедно ќе биде и водител на целата празнична програма, внимателно осмислена за сите генерации.
Во рамки на „Новогодишната приказна“, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Антониа Гиговска, Либеро бенд и Миле Кузмановски со бенд, а празничната атмосфера во овие три дена дополнително ќе ја збогатат Ди Џеј Марио со труба, „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама , како и Бока Конга и Боби Сакс.
Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со поставени новогодишни куќарки и содржини наменети за посетителите во текот на тридневната манифестација.
Посебно внимание е посветено на најмладите. На 30 декември, за децата е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз, анимирана програма, мини-концерт на училишните бендови и настап на Ди Џеј Марио. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од општина Кисела Вода.
Во својата изјава, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека заложбата на општината е Кисела Вода да биде место каде што се гради квалитетен живот во секоја смисла, преку континуирани инвестиции, грижа за граѓаните и создавање содржини што го оживуваат јавниот простор и му даваат дополнителна вредност на секојдневието.
-Токму во таа насока, од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“, организираме три дена новогодишни случувања со богата програма и настапи на квалитетни македонски изведувачи, наменета за сите генерации, вклучително и за децата за кои подготвивме бесплатни пакетчиња. Паркот ќе биде празнично уреден и исполнет со новогодишни куќарки, каде што ќе се нудат топли напитоци и празнична храна, со цел граѓаните во целост да уживаат во новогодишната атмосфера“, изјави Стаменкоска Трајкоска.
Воедно, градоначалничката ги покани граѓаните на 31 декември да се приклучат и на големата новогодишна забава организирана од Град Скопје на Градскиот плоштад, како заеднички завршеток на празничните случувања во пресрет на Новата година.







