Силјановска Давкова: Кочани нè доведе до ѕидот на срамот, од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на граѓаните

2025 ќе остане врежана во нашите мисли и срца како година на ужасната трагедија во Кочани. Сите ние до крајот на животот ќе ја носиме траумата од трагедијата во која загинаа 63 наши сограѓани, синови и ќерки, родители и пријатели, истакна во годишното обраќање во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Но, Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза, оти оваа трагедија не беше само чин на несреќа, туку и на системски пропусти. Толерирањето на корупцијата, несанкционирањето на криминалот и институционалната одговорност ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа. Во случајот на Кочани, не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал.

Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин како државата може да ги задоволи легитимните барања на семејствата е преку почитување на Уставот и законите. Вонсистемското постапување не може да вроди со системски плод. Затоа, треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата.

Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, кажа претседателката.

Единственото нешто што можеме да го вратиме, како што рече, е вербата дека правдата е можна во нашата држава.

„Оттука, овој судски процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста и подготвеноста на државата за правосудни реформи, за европско судство, за владеење на правото во реалноста, а не само декларативно, на хартија. Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани.

Кочани покажува дека владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата не е техничко прашање, туку прашање на живот и смрт“, порача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.

Scroll to Top